Иницијативниот одбор за ослободување на новинарот Томислав Кежаровски од денска започнува акција во која се вклучуваат голем број медиуми преку поставување на банери на своите интернет страници со порака „Слобода за Кежо“, кој е во притвор од 28 мај поради обвинение дека во текст во 2008 година објавил идентитет на заштитен сведок.
Целта на акцијата е да се испрати порака до јавноста дека на Кежаровски, кој е осомничен за објавување идентитет на заштитен сведок во случајот „Ореше“, треба да му се дозволи да се брани од слобода.
Претставникот на ОБСЕ за Слобода на медиумите, Дуња Мијатовиќ, вчера испрати писмо до премиерот Никола Груевски, во кое нагласува дека е неприфатливо продолжувањето на притворот за новинарот Томислав Кежаровски за уште 30 дена.
“Затворање на новинари за нивните пишување не е прифатливо во едно демократско општество. Ова е единствениот случај во регионот на Западен Балкан, каде се држи еден новинар во затвор во очекување на судски процес. Јас сум загрижена поради неговото апсење и прекумерно долгиот притвор, како тие негативно влијание врз слободата на медиумите во вашата земја”, рече Мијатовиќ.
ОБСЕ потсетува на ставот и на ОН, односно на Франк Ла Ру, Специјалниот известувач на ОН за промоција и заштита на правото на слобода на мислење и изразување, кој рече дека Томислав Кежаровски треба да биде ослободен веднаш.
“Прекумерна мерки како што е неговиот продолжен притвор служат само да ги заплашат новинарите и длабоко да ја повредат независноста на медиумите. Демократиите никогаш не може да работат правилно кога критичките гласови се замолчени,” истакна Франк Ла Ру.




