Првата детска амбасада во светот Меѓаши е изненадена од одлуката на Уставниот суд да расправа за укинување на Закон што би овозможило помилување на лица осудени за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица.
– Доколку се изгласа таквата одлука, во иднина би можеле да се помилуваат и педофилите, кои во најголем број случаи го повторуваат делото. Тоа не треба да се дозволи. На тој начин и институциите би биле соучесници“, истакнуваат од „Меѓаши“.
Уставниот суд завчера поведе постапка за оценување на уставноста на Законот за изменување и дополнување на Законот за помилување.
Во членот 1 од овој Закон се пропишува дека помилување не може да се даде на лица осудени за кривични дела против изборите и гласањето, од Глава шеснаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против половата слобода и половиот морал сторени спрема деца и малолетни лица, од Глава деветнаесетта од Кривичниот законик; за кривични дела против здравјето на луѓето, од Глава дваесет и прва; за кривично дело неовластено производство и пуштање во промет на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори, од членoт 215 и за кривично дело овозможување на употреба на наркотични дроги од членoт 216 и за кривични дела против човечноста и меѓународното право, од Глава триесет и четврта од Кривичниот законик.




