Заменик директорот на АХВ, Фирус Мемед е осуден за примање поткуп, а за Ирина Пановска, директорка на Клиниката за хематологија е отворен предмет во Антикорупциска за конфликт на интереси
Владата на вчерашната седница разреши околу триесетина директори, но меѓу нив не е заменикот директор на Агенцијата за храна, Фирус Мемед кој е осуден за четири кривични дела во 2015 години, но ја признал вината и поминал со парична казна од 1000 евра.
Мемед во времето додека бил директор на Државниот инспекторат за животна средина сторил кривични дела- Примање поткуп по член 357 став 2 од КЗ, Примање награда за противзаконито влијание од член 359 став 2 од КЗ и две кривични дела за Несовесно работење во службата по член 353 в став 1 од КЗ и член 353 в став 23 од КЗ. Веднаш по пресудата, експресно во еден ден бил префрлен во АХВ каде веќе четири години ја извршува функцијата заменик директор.
Од Владата на уште пред четири месеци, кога НОВА им упати прашање за овој случај одговорија дека „по добиената информација во однос на лицето, започнале проверка на фактичката состојба и по завршувањето на сите проверки и утврдување на околностите, Владата ќе даде конкретен одговор како ќе постапува понатаму“. Но, досега нема никаков одговор, ниту пак се случи смена на човекот кој како осуден врши многу одговорна функција во владина агенција.
Меѓу сменетите не е ниту директорката на Клиниката за хематологија Ирина Пановска, за која има Претставка до Антикорупциска комисија каде се бара да се отвори предмет за роднинската врска меѓу неа и веледрогеријата на нејзиниот татако „д-р Пановски“ и судирот на интереси во јавните набавки. Во Претставката се наведуваат повеќе примери зошто треба да се констатира судир на интереси кој влијае на квалитетот на здравствените услуги и на набавките на лекови.
Групата доктори од Хематологија нагласуваат и дека врската татко – ќерка не завршува со Клиниката за Хематологија. Фамилијарниот бизнис метастазира и во Министерството за здравство со експресното именување на Пановска за член на Комисијата за ретки болести – позиција со која може да влијание и врз одлуките кои лекови ќе се набавуваат и за кои болести, односно кои болести се ставаат на списокот на ретки.
Индикативно е зошто меѓу разрешените директори се најде и директорката на Клиниката за детски болести, Катерина Ставриќ која уште во февруари си поднесе оставка. Од функцијата не можеше да замине бидејќи нејзината оставка стоеше депонирана во Министерството за здравство бидејќи Филипче цели шест месеци не го разгледа нејзиното барање иако јавно потврди дека ќе ја викне да разговараат за нејзиното барање повеќе да не раководи со оваа Клиника.




