Оваа година, се навршуваат 15 години откако светот започна да го одбележува Меѓународниот ден на демократијата, 15 септември. Овој ден се одбележува секоја година низ светот за да се зајакне демократијата и да се истакнат нејзините вредности и принципи. Оваа година, Денот на демократијата ќе се фокусира на важноста на слободата на медиумите за демократијата, мирот и исполнувањето на целите за одржлив развој.

ЦИВИЛ им го честита Меѓународниот ден на демократијата на сите граѓанки и граѓани во земјата и во светот, со повик за почитување на начелото за владеење на демократијата и правото, и порачува дека декларациите за демократски свет треба час поскоро да се претворат во дела.

Вредностите на слободата, почитувањето на човековите права и принципот на одржување периодични и вистински избори со универзално право на глас се основните елементи на демократијата. За возврат, демократијата обезбедува природно опкружување за заштита и ефективно реализирање на човековите права. Овие вредности се отелотворени во Универзалната декларација за човекови права и понатаму се развиваат во Меѓународниот пакт за граѓански и политички права, кој опфаќа мноштво политички права и граѓански слободи кои ги поддржуваат значајните демократии.

Но, демократија не значи само право на глас, туку и право на достоинствен живот од секој аспект, право на определба, учество, соработка, еднаквост и почит.

Годинава светот посведочи на уште едно грозоморно и масовно газење и рушење на демократијата и човековите права и територијалниот интегритет со руската воената агресија против Украина. Оваа војна е исклучително болна за демократските вредности на целото човештво. Истовремено, сиот демократски свет негува надеж дека храбрата украинска нација, со поддршка од сите демократски сили во светот, ќе се ослободи и ќе се издигне повторно. ЦИВИЛ како организација за човекови права и слободи, со длабоко вкоренети убедувања за универзалните човекови права и слободи, европските и зелените вредности, упатува повик до сите демократски сили во светот да не потклекнуваат пред предизвиците на злото.

Врската помеѓу демократијата и човековите права е утврдена во членот 21 (3) од Универзалната декларација за човекови права, во кој се вели:

„Волјата на народот ќе биде основа на авторитетот на владата; оваа волја ќе биде изразена на периодични и вистински избори што ќе бидат со универзално и рамноправно избирачко право и ќе се одржуваат со тајно гласање или со еквивалентни бесплатни постапки за гласање. “

Меѓународниот ден на демократијата дава можност да се разгледа состојбата на демократијата во светот, и во нашата земја.  Демократијата е исто толку процес, колку и цел, и само со целосно учество и поддршка од меѓународната заедница, националните тела за управување, граѓанското општество и поединци, идеалот за демократија може да се претвори во реалност што ќе ја уживаат сите граѓанки и граѓани низ целиот свет.

Честит Меѓународниот ден на демократијата!

Извор: civilmedia.mk