Иако Република Македонија, не може да се класифицира како земја – крајна дестинација во мигрантските движења, туку е само коридор за бегалците, тоа никако не ја исклучува обврската, но и потребата од донесување на опфатна, квалитетна и издржана законска регулатива во поглед на меѓународната и правна заштита, рече министерот Оливер Спасовски во своето обраќање на тема „Азил- меѓународна и привремена заштита“, во рамки на денешната Втора сесија на Работната група IV која расправа по Поглавјето 24 – Правда, слободи и безбедност.
„Пред два месеци стапи на сила новиот Закон за меѓународна и привремена заштата, како своевидна надградба на претходниот Закон за азил и привремена заштита. Всушност со овој Закон прави значително допрецизирање на одредбите што ги дефинираат статусот, процедурите, постапките во процесот на меѓународна и привремена заштита на бегалците, но и околу условите и механизмите за ограничување на правото за слобода на движење на барателите на азил, притоа целосно следејќи ги директивите на Европската унија од оваа област“, рече Спасовски.
Во периодот пред нас, потенцираше тој, треба да се зголеми степенот на регионална и меѓународна соработка особено во делот на евиденцијата и размената на податоци и информации, рече Спасовски.
Поглавјето 24 е дел од преговорите со Европската Унија (ЕУ) и се однесува на усогласување на македонските со законите на ЕУ во делот на правда, слобода и на безбедност во кој спаѓаат миграцијата, азилот, визната либерализација, надворешните граници и границите на шенген-зоната. Во ова Поглавје спаѓаат и судската и полициската соработка во кривични и во граѓански предмети, борба против организиран криминал, борба против тероризмот и царинската соработка како и борба против дрога и фалсификување на еврото.
Во последниот извештај на Европската Унија (ЕУ) за Македонија имаше забелешки околу напредокот во овие поглавја токму во делот на спроведување на политиките што се однесуваат на миграциите и азилот
„Земјата веќе достигна високо ниво на усогласување на законската регулатива во оваа област, а административните и судските структури се во напредна фаза. Беа направени понатамошни подобрувања во областа на полициската соработка и во борбата против организиран криминал и трговија со луѓе. Меѓутоа, во некои сектори напредокот останува бавен, во однос на подобрување на инфраструктурата, капацитетот и стратешкото планирање, кои се потребни за целосно и ефикасно спроведување на постојните политики. Тука спаѓаат, особено, миграциите и азил. Отсуството на независен систем за надворешен надзор на полицијата, исто така, треба да се реши“, пишува во Извештајот на ЕУ.




