Мексиканската полиција го пронајде камионот со контејнерот со радиоактивен медицински материјал, кој што беше украден во близина на Мексико Сити, соопшти синоќа мексиканската Комисија за нуклеарна безбедност.
– Крадците ги извадиле материјалите од контејнерот и се наоѓаат во животна опасност поради високото ниво на радијација, изјави претставник на Комисијата.
>>ИАЕА: Во Мексико е украден камион со радиоактивен материјал
Областа околу украдениот камион е обезбедена. Најбрзо што може радиактивниот материјал ќе биде вратен во контејнерот.
Кражбата се случила на втори декември. Камионот од болницата превезувал „кобалт 60„ кој се користи за радиотерапија. Возилото е украдено во Тепохака, место близу главниот град на Мексико.
Овој радиоактивен материјал не може да се употреби за изработка на конвенционални нуклеарни бомби, но во комбинација со класичен експлозив, може да се употреби за изработка на таканаречени „валкани бомби„ чија експлозија, радиоактивно загадува широк простор.