Дел од потрошувачите од реони на градот Скопје се без напојување со електрична енергија, а екипите на АД МЕПСО работат на целосно отстранување на дефектот, се вели во информацијата од МЕПСО испратена до НОВА.
НОВА објави дека во текот на денешниот ден поголемиот дел од главниот град – североисточниот и централниот, остана без електрична енергија.
МЕПСО информира дека заради испад на собирница во трансформаторската станица „Скопје 1“, на 110 kV напонско ниво, предизвикан од технички дефект на раставувач на преносната мрежа е регистрирана безнапонска состојба во 11:34 минути.
„Тоа предизвикало прекин во снабдувањето со електрична енергија во времетраење од 14 минути. По интервенцијата на стручните лица состојбата е нормализирана“, велат од МЕПСО и според нив струја добиле најголем дел од потрошувачите.
Од МЕПСО ниту демантираат ниту ја потврдуваат неофицијалната информација која ја објави НОВА дека станува збор за експлозија и пожар во 400 киловатна трафостаница.
Во ЕВН велат дека дефектот не е до нив и тие едноставно не можат да испорачаат електрична енергија.




