Мерната станица за јонизирачко зрачење во Крива Паланка е расипана и високите отчитувања не се реални, тврдат во Институтот за јавно здравје.
Оваа реакција доаѓа откако на социјалните мрежи се појави скриншот од европскиот мониторинг за радиоактивно влијание во животната средина дека има енормна радијација во Крива Паланка.На сајтот на Европската комисија во делот за набљудување на радиоактивноста од 19 јуни се покажува енормно зголемување на зрачење од гама зраци (гама-зрачење) кај Крива Паланка, што предизвика паника помеѓу граѓаните кои ги забележале мерењата. Податоци на овој сајт се од мерењата на Институтот за јавно здравје.
Од Дирекцијата за радијациона сигурност велат дека нема простор за паника бидејќи станува збор за грешка која се покажува на сајтот за мониторинг затоа што се расипала станицата за мерење. Од таму информираат дека контактирале со Општина Крива Паланка и со Институтот за јавно здравје, кој е задолжен за менаџирање на станиците и дека станицата е веќе извадена и е донесена во Скопје на поправка.
„Во врска со реакциите од страна на градоначалникот на Општината и дел од загрижените жителите на Крива Паланка за зголемена вредност на брзината на амбиенталниот дозен еквивалент во општина Крива Паланка и Берово, сакаме да Ве информираме дека се работи за техничка неисправност на две мерни станици во Крива Паланка и во Берово и истите се во фаза на поправка
Институтот за јавно здравје како институција која што го врши мониторингот на амбиенталнит дозен еквивалент во државата на својата веб страна doza.vze,com го има објавено ова соопштение“, се вели во известувањето на Дирекцијата за радијациона сигурност објавено на нивната веб страна.
Институтот за јавно здравје веќе излегоа со информации на 20 јуни, дента кога првпат беше забележан лажниот алармот на сајтот.
„Заради технички неправилности во својата работа, две од мерните станици во Крива Паланка и во Берово се во фаза на поправка. Отчитувањата во кои имаше пикови, не се резултат на реално измерената доза на јонизирачко зрачење. По нивната поправка, ќе следи ново соопштение“, стои во известувањето од ИЈЗ објавено на нивната веб страница на 20 јуни.




