Метју Нимиц, посредникот за спорот за името помеѓу Македонија и Грција, следната недела во рамките на неговата посета на регионот, доаѓа во Македонија, соопшти Артан Груби, шефот на Кабинетот на лидерот на ДУИ, Али Ахмети, јавува Радио Слободна Европа.
Според него, Нимиц треба да допатува на 9 септември во регионот, но прво ќе ја посети Атина.
Информацијата за посетата на Нимиц на Македонија и Грција, Груби ја пласираше еден ден откако лидерот на ДУИ, Али Ахмети, се врати од посета на Атина, каде се сретна со вицепремиерот и шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос.
Претходно, Ахмети изјави дела со Венизелос разговарале за регионалните политики, за инвестициите, како и за интегрирањето на земјата и целиот регион на западен Балкан во евроатлантските структури, како и за градењето силни односи со соседите, и потребата за соработка на сите политички и економски полиња.
>> Ахмети со Венизелос: Не разговаравме за конкретни предлози
Според некои медиуми, медијаторот овојпат доаѓа со нов предлог, за кој ќе биде запознаен политичкиот врв на двете земји.
Неодамна во Софија, лидерот на ДУИ, Али Ахмети, изјави дека новиот предлог на Нимиц е Горна Македонија, кој, според него, е прифатлив.




