Собраниската седница за пратенички прашања на 14 октомври се претвори во остра политичка пресметка меѓу премиерот Христијан Мицкоски и шефот на проруската ултрадесничарска партија Левица, Димитар Апасиев. Вербалниот судир ги вклучи семејните бизниси, партиските донации и еден општински тендер во Струмица. Расправата брзо прерасна во размена на лични навреди и меѓусебни обвинувања. Како што пренесоа медиумите, премиерот ги отфрли сите сомнежи за незаконско работење и го повика својот политички противник тврдењата да ги повтори надвор од Собранието, за да можат да бидат предмет на судска постапка.
Повод за конфронтацијата беа прашањата за деловните активности на Јорданчо Јанев, познат како Дано, кој е баџанак на премиерот. Во собраниската расправа беа споменати повеќе компании во Северна Македонија и Бугарија, деловни врски со други лица од семејното опкружување, како и финансиски донации за ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски ја потврди семејната врска со Јанев, но тврдеше и дека тој развива сопствен бизнис повеќе од 25 години и дека нема ништо незаконско во тоа некој да поседува компании, да инвестира во странство или да го внесува заработениот капитал во земјата.
Мицкоски го оспори и тврдењето за времето кога Јанев стекнал бугарско државјанство, наведувајќи дека поседува бугарски пасош од 2003, а не од 2017 година.
Партиските донации и бизнис-мрежите
Во препукувањето беа изнесени и податоци за финансиски донации кон ВМРО-ДПМНЕ од Јанев и други лица поврзани со споменатите компании.
Според наводите, Јанев од 2019 година донирал околу 20.000 евра за партијата, додека за други две лица беа наведени донации од 5.000 и 2.500 евра. Мицкоски одговори дека ВМРО-ДПМНЕ има илјадници донатори, членови и симпатизери кои финансиски ја поддржуваат партијата.
Според анализата на ЦИВИЛ, прашањето не е дали граѓаните и стопанствениците имаат право да донираат. Прашањето е дали постојат деловни односи со институции што би можеле да доведат до привилегиран третман или судир на интереси, како и други сериозни прашања. Меѓутоа, истите прашања за транспарентноста на политичкото финансирање важат и за Апасиев и за неговата партија. Оној што бара одговорност од власта мора да биде подготвен да одговори на истите прашања.
Од јавна одговорност до лична пресметка
Премиерот упати серија лични квалификации кон Апасиев, нарекувајќи го „кукавица“ и обвинувајќи го дека го користи пратеничкиот имунитет за изнесување клевети. Во нивната препирка од говорницата беа вклучени и наводи за патувања, хотели, гардероба и приватни деловни активности, како и прашања за личниот имот, часовници, адвокатски трошоци и фотографии од средби со политички функционери.
Во овој парламентарен спектакл немаше недостиг од вербална муниција. Недостигаа само документите и одговорите што им се должат на граѓаните.




