Собранието со поединечно гласање разреши осум министри од кабинетот на премиерот Христијан Мицкоски откако за нив парламентот водеше единствен претрес за нивната работа. Најмногу пратеници гласаат за разрешување на министерот за односи меѓу заедниците Иван Стоилковиќ кој беше разрешен со 95 гласа.
За разрешување на министерот за правда Игор Филков гласаа 83 пратеници.
За разрешување на министерот за земјоделие Цветан Трипуновски гласаа 92 пратеници додека за Фатмир Лимани да замине од функцијата гласаа 85 пратеници и еден гласаше против. Министерот за локална самоуправа Златко Перински е разрешен со 87 гласови, а министерот за култура Зоран Љутков со 91 глас „за“. Министерот без ресор, Шабан Салиу, е разрешен со 85 гласови. Впечатливо е дека министерот за здравство Азир Алиу е разрешен со 80 гласа, тројца пратеници се изјаснија дека се „против“ разрешувањето, а тројца пратеници останаа воздржани.
За министер за правда Мицкоски го предлага Јетон Шасивари, универзитетски професор и од него очекува неговото знаење, професионален интегритет и академско искуство да бидат ставени во служба на правосудниот систем во кој граѓаните ќе имаат доверба.
Агон Ферати за министер за односи меѓу заедниците кој своето професионално искуство го градел преку европски проекти, за министер за земјоделство Борче Серафимовски, човек кој добро го познава функционирањето на ресорот.
За министер за здравство – Сашо Клековски од кого очекува со нова енергија да продолжат реформите што ќе обезбедат поквалитетни услуги.
За министер за социјална политика, Ѓоко Велковски бидејќи демографијата станува едно од најважните државни прашања. За министер за локална самоуправа – Иван Стоилковиќ за
секоја општина да има можност да се развива.
За министер за култура и туризам – Седат Сулејмани и очекува тој ресор да биде еден од двигателите на новиот развоен циклус.
За министер без ресор е предложен Ерџан Демир.




