Директорот на УБК, Сашо Мијалков со писмена реакција преку порталот Курир ја повика заменик-претседателката Радмила Шеќеринска да одговори за имотната состојба или ќе ја тужи, како реакција на обвинувањата за неговото енормно збогатување.
Што се однесува до него, тој вели дека не може да каже каде живее, од безбедносни причини, но вели дека живее под кирија.
Реакцијата на Мијалков ви ја презентираме интегрално:
-Лагите и манипулациите на Шекеринска излегоа на виделина пред целокупната македонска јавност. Вчера преку сите медиуми беше повикана доколку поседува макар еден доказ во прилог на клеветите за „незаконско дуплирање на имотот“ денеска да го приложи до јавниот обвинител.
Наместо да постапи согласно законите на Република Македонија, таа одлучи да се крие зад собраниската говорница и со конфузни изјави да продолжи да ги спроведува стратегиите на спуштање на нивото на комуникација и лично омаловажување.
Шекеринска е во очај и очигледно е збунета кога првин вели дека немало, па потоа дека имало одговор. Важно е дека јавноста увиде дека нејзиниот капацитет и врвна политичка умешност се состојат во повторувањето на истите клевети на Љубе Бошковски за кои беше констатирано дека се лажни и неточни од страна на судот и за кои и самиот Бошкоски јавно се извини и призна.
Вчера сите медиуми и целокупната јавност можеа да се уверат дека не постои незаконско удвојување на имотот туку тоа е само уште една во низата измислици на Шекеринска. Јавноста доби одговор за продажбата на уделот во фирмата која главно се занимава со градежништво, а на медиумите им беше приложен и мојот одговор од 2011 година каде точно се наведува и името на фирмата и целосната постапка.
Што се однесува до адресата која што ја интересира Шекеринска, од безбедносни причини не би можел да ја споделам со јавноста, но точно е дека во моментов живеам во стан под кирија. Доколку Шекеринска има барем еден доказ дека тој стан е моја сопственост и не сум го пријавил или пак дека постои било каква незаконитост во врска со ова, ја повикувам истиот да го приложи. Во спротивно и тоа ќе и се смета за уште една во низата измислици и клевети.
Шекеринска не може да објасни како изминативе неколку години нејзиниот анкетен лист се збогати со голем број станови, но тоа не смее да биде никакво оправдување за навредите и клеветите кои ги изрекува зад собраниска говорница. Повторно ја повикувам, доколку има каков било доказ за некаков сомнеж да го приложи до надлежните институции или манипулациите и лагите да ги искаже надвор од Собранието за да добие шанса да ги докаже во судска постапка, соопштува директорот на УБК, Мијалков.
.




