Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски. Тогаш, појаснив дека мојот удел од 50% во фирмата регистрирана 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, во две одвоени трансакции по 25% кои вредеа по 500 000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист тврди директорот на УБК, Сашо Мијалков преку соопштение на Министерствтото за внатрешни работи на Македонија.
Мијалков со ова одговара на обвинувањата на заменик претседателот на СДСМ, Радмила Шекеринска, која денеска во Собранието рече дека семејниот имот на Сашо Мијалков за овие пет години пораснал за нешто повеќе од 1,6 милиони евра.
-Недостатокот на идеи и проекти СДСМ и натаму продолжува да се обидува да го компензира со својата веќе воспоставена практика на изнесување на лаги и манипулации во јавноста, злоупотребувајќи ги јавно достапните информации кои може да ги прочитаат сите граѓани. Таа практика базирана на очигледно утврдена стратегија има за цел извртување на фактите во насока на дискредитирање на личности, без разлика на тоа дали се има или не аргументи или докази. Изминативе седум години и изминатите седум изборни циклуси, докажаа дека оваа пракса е беспредметна и несериозна, дотолку повеќе, што за најголем дел од денес искажаните наводи веќе еднаш имаше прецизен, детален и недвосмислен одговор, се вели во реакцијата на Мијалков.
Тој вели дека целосна лага и измислица се наводите за противзаконско богатење.
-Целосна лага и измислица се наводите за противзаконско богатење. Моите блиски и јавноста знаат дека пред стапувањето на функција, повеќе од 20 години сум се занимавал со приватен бизнис и дома и во странство, главно во областа на градежништвото. За сите овие години, против мене не е покрената ниту една пријава, што е уште е еден доказ на кој начин може и треба да се работи. Со истата теза и со истите клевети во јавноста пред три години излезе и Љубе Бошковски. Тогаш, појаснив дека мојот удел од 50% во фирмата регистрирана 2003 година е продадена во Прага на двајцата други косопственици, односно во две одвоени трансакции по 25% кои вредеа по 500 000 евра, како што впрочем е наведено во анкетниот лист. Од таму се тие милион евра кои тогаш ги наведуваше Бошковски, а сега Шекеринска, споредувајќи ги со оснивачкиот влог во фирмата. Бошковски за истите клевети беше тужен и прогласен за виновен, по што и јавно се извинуваше дека самиот бил доведен во заблуда и манипулиран. Единствената разлика со првиот анкетен лист е во вредноста на накитот. Имено во првиот анкетен лист вредноста е наведена во евра, а во вториот во денари. Можам да потврдам дека во првиот анкетен лист е направена ненамерна техничка грешка, која е корегирана во вториот, вели Мијалков за Курир.
Тој додава дека доколку Радмила Шекеринска поседува барем еден доказ во поткрепа на изречените клевети, утре да ги приложи на Јавниот обвинител или Управата за јавни приходи и ја повика јавно да му се извини за изречените неосновани обвинувања. Во прилог на изјавата Мијалков достави и писмо адресирано до Државната аганција за анти корупција.





