Академикот Миле Д. Миќуновиќ, доктор на медицински науки, професор, специјалист по урологија, експерт – рецензент, поет и публицист од Охрид е избран за почесен член на Меѓународната Академија „Михаил Еминеску“ во Крајова, Романија.

Титулата за неговото книжевно творештво и творечко учество му е врачена на фестивалот на поезијата на меѓународната академија „Михаил Еминески“. Извршниот комитет му додели и награда за перформативна медицина и медал „Михаил Еминеску“ за неговите заслуги во национална и глобална културна дејност.

Академик Миќуновиќ докторирал на Медицинскиот факултет при Универзитетот во Белград и се стекнал со титула „доктор на медицински науки“. Работел во Специјалната болница за ортопедија и трауматологија „Свети Еразмо“ во Охрид. Бил вонреден професор на универзитетот „Свети Климент Охридски“ во Битола по хирургија и полово образование.

Неговото животно мото е: „работи, заврши, објави“, а за оние кои сакаат критизерски да се однесуваат за делата, ги потсетува на познатата латинска поговорка: „Faciant meliora potentes“ („Оние што можат, нека направат подобро“). Автор на 116 книги, објавил 443 научни и стручни трудови, 10 универзитетски книги, над 50 колумни во дневен печат и 105 популарни статии.

Редовен член е во Европската aкадемија за науки и уметност во Салцбург од областа на медицината, а добитник е на многу награди и признанија.