Милијардерот Аркадиј Ротенберг, близок до рускиот претседател Владимир Путин, во саботата изјави дека е сопственик на „палатата“ за која затворениот опозициски лидер Алексеј Навални тврди дека ја користи рускиот претседател.
„Пред неколку години, успеав да постигнам договор со доверителите и станав корисник на таа зграда“, рече Аркадиј Ротенберг, според неговата канцеларија за печат.
Тој додаде дека има намера зградата да ја претвори во хотел.
„Сè е направено професионално и се надевам дека ќе го завршиме хотелот за неколку години“, рече бизнисменот, поранешен партнер во џудо на Путин.
Опозицискиот лидер Алексеј Навални го обвини Владимир Путин во филм на Јутјуб, прегледан 100 милиони пати, дека користи „раскошна и огромна палата“ на брегот на Црното Море, чија изградба чинела повеќе од милијарда евра, пренесува Сеебиз.
Путин ги негираше обвинувањата, за кои тврди дека имаат за цел да им се „испере мозок“ на Русите и за нивно поттикнување на протести.
Руската државна телевизија објави снимки од зградата на која се одвиваат работите и која е далеку од луксузот што го опиша Навални, поради што сметаат дека е доказ за неговите манипулации.
Приврзаниците на опозицискиот лидер тврдат дека се работи на резиденцијата поради градежни пропусти и дека Владимир Путин е нејзин вистински корисник.