Бизнис секторот на денешната седница на Економскиот совет одлучи дека прилепско стопанство, без исклучок ќе ги стави сите ресурси на располагање, финансиски и човечки, за да се возобнови манастирот Трескавец, што изгоре во вчерашниот пожар.
Општината од локалниот буџет веднаш ќе издвои еден милион денари, кои пред се ќе се искористат за расчистување на изгорените конаци на манастирот Трескавец кои настрадаа во пожарот, соопшти градоначалникот на Прилеп, Марјан Ристески, кој воедно е и претседател на Економскиот совет.
– Прво треба да се утврди фактичката состојба во манастирот и да се утврдат причините за пожарот. Увидните екипи се веќе на местото, изјави Ристески.
– Да забрза изградбата на патот до манастирот, проект од 1,5 милиони евра на Министерството за транспорт и врски и на Владата. Тоа ќе овозможи забрзување на работите. Министерството за култура и МПЦ да отворат посебна жиро сметка за сите добронамерници да донираат средства, рече Ристески.
Според Симон Наумоски претседател на УО на „Витаминка“ сите ќе помогнат во обновата, но, смета тој, за да се доведе во реална состојба Манастирот сигурно ќе поминат барем три години.