„Засади здравје“ ова е мотото на овогодинешната дванаесетта акција по ред „Ден на дрвото“, која денеска ја промовираа Градоначалникот на Скопје Коце Трајановски и министерот за здравство Никола Тодоров.
Околу 1 милион евра за 5 милиони садници е износот за дванаесетта акција „Ден на дрвото“, која треба да се одржи наредната среда, а садниците ќе ги обезбеди Јавното претпријатие „Македонски шуми“.
Директорот на ова претпријатие Жарко Караџоски ги отфрли обвинувањата дека досегашните акции во кои беа засадени 50 милиони садници се неуспешни и се повика на податоците на американската вселенска агенција, НАСА.
„Саталитските снимки на НАСА покажуваат дека Македонија не е во негативниот тренд на губење на зеленилото со кое се соочуваат голем број држави,“ вели тој.
Според министерот Тодоров, годинава „Денот на дрвото-засади ја својата иднина“ има здравствено мото „Садење за подобро здравје“.
„Има и посебна симболика што сме тука во дворот на Институтот. Човекот задолжително треба да се грижи за белите дробови и за своето здравје. Дрвјата се белите дробови на нашата планета. Од тој аспект е одлична оваа акција и ќе можеме оваа година да посадиме пет милиони дрвца. Вкупно досега се посадени 40 милиони дрвца. Тоа претставува еден историски потфат и ќе овозможи многу почиста животна средина и многу повеќе здравје за сите граѓани“, рече Тодоров.
Во акцијата „Денот на дрвото“ досега се засадени 56 милиони дрвја. Само низ Скопје се планира да се посадат 72.000 нови садници. Ќе се засадуваат брези, чемпреси, јасени, цреши, јавори. Во Дојран, Охрид и Струга изминатиот период се садеа палми.




