Крајот на школската година битолските училишта го дочекаа со загуби, чија висина ја надмина сумата од 80.000.000 денари. Тоа беше главниот заклучок кој произлезе од денешната седница на Советот на Општина Битола, на кој покрај другите точки, беа разгледани завршните сметки на битолските основни и средни училишта.
За битолската опозиција фрапантен е податокот дека дури 11 од вкупно 18 училишта во Општина Битола имаат блокирани жиро-сметки, а загубите утврдени со завршните сметки покажуваат дека основните и средните училишта достигнуваат загрижувачки суми.
Најголемиот дел од долговите однесуваат на неплатени сметки за струја, вода, комуналии и за превоз на учениците.
Советникот на СДСМ Зоран Стојчевски, побара да се лоцира вината за ваквата крајно неповолна состојба во битолското образование.
„Еднаш треба да се каже кој е виновникот, односно каде е грешката? Ако е грешката во министерот, односно во Министерството за образование, да го кажеме тоа јавно и јасно. Доколку пак вината е на локално ниво, треба на некоја следна седница на Совет, заедно со градоначалникот Талески, отворено да поразговараме за тоа“, изјави за НОВА Стојчевски.
Според висината на искажаните загуби, предничат Општинското средно медицинско училиште „Д-р Јован Калаузи“ со 19.000.000 денари, кои притоа се провлекуваат во подолг период, во СОУ „Таки Даскалот“ околу 15.000.000 денари, како и ЦОУ „Крсте Петков Мисирков“ во село Бистрица со приближно 12.000.000 денари.
Според владејачкото мнозинство, главниот генератор за искажаните загуби бил бесплатниот ученички превоз од 2013 година. Сепак, советниците на ВМРО-ДПМНЕ сметаа дека загубите не влијаеле на квалитетот на наставата во штотуку завршената школска година и дека училиштата во целост ги реализирале предвидените програми.




