Додека во здравството се распишуваат тендери, како што беше случајот со ВИСАРИС МКД, тежок повеќе од еден милион евра, се набавува софистицирана и скапа медицинска опрема, болниците во внатрешноста се во катастрофална состојба. Токму овој тендер на Министерството за здравство во кој беше инволвирана новинарката на Сител, Ивона Талевска предизвика бура од реакции и незадоволство кај граѓаните кои се принудени да се лекуваат во вакви услови. Болничките соби, креветите, тоалетите се останати од некои минати времиња и во себе кријат опасност од зараза со болнички бактерии. Битолската клиничка болница е втора по значење по Клиниките во Скопје. Но, она што може да се види од фотографиите што ни ги испрати пациент од Битола, состојбата е повеќе од загрижувачка. Фотографиите почнаа да кружат и на социјалните мрежи.

Посочувајќи на катастрофалната состојба, дел од коментарите на луѓето се дека ова повеќе личи на затворско одделение, отколку на болничко- инфективно одделение.

„Ова се делата на министерот Тодоров“, „Каде е затвореникот“-ова се дел од коментарите на социјалните мрежи.

Еве каде се сместени шишињата за инфузија.

Плочките се од 1970 година, велат пациентите кои се лекуваат во болницата. Големите инвестиции во здравството, милионските набавки, паѓаат во вода со ваква поразителна слика во клиничка болница во овој административен, културен, економски, образовен и научен центар за југозападниот дел од Македонија.

Голем дел од опремата која беше набавена со претходниот тендер од 100 милиони евра, се уште стои нераспакувана во влажните подруми на болниците велат лекарите. Некаде нема медицински кадар што ќе работи на овие апарати, а во други болници нема када се смести опремата.

И покрај тоа, пред десетина дена министерот Тодоров најави набавка на нова современа дијагностичка опрема во вредност од шест милиони евра, а распишан е и тендер за медицинска опрема тежок 220 милиони евра. Два тендера, едниот тежок 1 725 000 евра, а вториот во вредност од 700 000 евра, се распишани и за Државната кардиохирургија, која досега воопшто не беше приоритет во здравството.

„Овде е се како што треба, нема потреба од санитарна инспекција“, се вели во еден од коментарите. Дали,граѓаните заслужуваат ваков третман, да се се лекуваат во услови кои се под човечкото достоинство, проценете сами.

Инаку, најновата вест е дека Македонија зеде заем од 97 милиони евра од Банката за развој на Советот на Европа. Управниот одбор на Банката го одобрил задолжувањето, за кои надлежните велат дека треба да бидат искористени за реновирање на клиниката „Мајка Тереза“ од Скопје и Регионалната клиничка болница во Штип. Инаку, државата постојано се задолжува за инвестициите во здравството, кредитите се трупаат, а се уште не исплатен ниту првиот заем од 17, 5 милиони евра од пред десетина години.




