„Во интервјуто на госпоѓата Шеќеринска преку грчкиот портал на “Еуро аткив” се испраќа пораки до грчката, но и до меѓународната јавност, дека вината за постоењето и нерешавањето на овој спор е во најмала рака еднакво споделена и од страна на Грција и од страна на Република Македонија“, истакна на прес-конференција Антоние Милошоски од ВМРО – ДПМНЕ.
Сметаме, рече тој, дека ваквите пораки од интервјуто на Радмила Шеќеринска се корисни за грчката дипломатија, но за жал се штетни за Република Македонија.
– Сметаме дека со пораките со кои што се изедначува одговорноста помеѓу земјата на која што и е наметнат спорот како Република Македонија и Владата која што го наметнува спорот од страна на официјална Атина, Радмила Шеќеринска свесно или не свесно дава едно алиби за грчката дипломатија и дава дополнителен дипломатски арсенал на секој грчки амбасадор, на секој грчки министер за надворешни работи, да не мора лично да ја обвинува Република Македонија за своите позиции во овој спор, туку да ги користи зборовите на госпоѓата Шеќеринска за обвинување на нашата држава.
– Грчкиот министер за надворешни работи, Венизелос уште од денеска ќе има полесна работна задача, затоа што во средбите со своите колеги министрите за надворешни работи од земјите членки на ЕУ, нема да мора да објаснува зошто само официјална Атина смета дека македонската страна е виновна за нерешавањето на овој дводецениски спор, туку ќе може многу покомотно да каже дека таквите аргументи и тие ставови се изнесени од заменик претседателот на најголемата опозициона партија г-ѓата Шеќеринска и поранешен вице-премиер на македонската влада.
– Затоа сметаме дека со ваквите пораки г-ѓата Шеќеринска свесно или несвесно и нанесува штета на Македонија како држава, на нашата дипломатија, на позицијата на Република Македонија во овој спор и за жал не успева да се издигне над внатрешно политичките калкулации пресметки критики и натпревар во Република Македонија, истакна Милошоски.
Според него зачудува тоа што во ова интервју, кое се осврнува на повеќе области, спорот со името и внатрешната состојбата во државата, е што госпоѓата Шекеринска, за жал, не почуствувала потреба и не ја искористила оваа прилика, давајќи изјава за овој медиум да ја спомене барем со еден збор пресудата од Меѓународниот суд на правдата, врховниот суд на Обединетите Нации.
„Со овие пораки што Радмила Шеќеринска ги дала за грчката јавност, не би ме зачудило доколку вечерва министерот за надворешни работи Венизелос, истите пораки на Шеќеринска ги употреби во комуникацијата со неговиот колега Попоски за да ја девалвира позицијата на Република Македонија“, истакна Милошоски.




