„Здравство и социјала како милостина“ е фељтон на новинарката Менче Атанасова Точи кој НОВА, го објавува во продолженија, а е дел од публикација „Македонија од Букурешт до Преспа – Сведоштва на едно време: Македонија 2008-2018“ во издание на ФООМ. Тоа се сведоштва кои говорат за едно време-невреме кое во колективната меморија ќе остане запаметено како темно, кога Европа нѐ етикетираше како „заробена држава“ , a ќе го паметиме како „загубено време“
Пишува: Менче Атанасова Точи
Што остана под „урнатините“-како со вистински чекори напред
Деценискиот период го одбележа владеење на партија која ги злоупотреби институциите за да манипулира со граѓаните. Иако власта се смени една година пред да се случи Преспанскиот договор, „урнатините“ останаа, а последиците се чувствуваат и понатаму. Таа злоупотреба на институциите беше присутна во сите сегменти од општественото живеење, но во здравството и социјалата граѓаните ја почувствуваа најмногу, директно на својот грб.
Искуствата покажаа, како и голем дел од проектите, дека социјално загрозените граѓани се користеле за манипулација, особено пред избори. Притоа им се нуделе „услуги“ кои им следуваат според законската регулатива, без разлика дали се работи за бања, стан или социјална помош.
Овие категории на луѓе, вклучувајќи ги и пензионерите со мали пензии, се многу ранливи и често беа злоупотребувани со разни проекти кои служеа само за собирање на гласови пред избори. Суштински реформи немаше.
Во иднина е потребна добра стратегија со која ќе се зајакне овој сектор во сите четири сегменти: труд, социјала, детска заштита и пензиски систем. Многу треба да се работи во правец на тоа да се тргнат децата кои просат на улица, а за тоа е потребно што повеќе да зајакнат и социјалните служби.
Со смената на власта Министерството за труд и социјална политика ги детектира повеќето слаби точки и, како што велат, работат на нивно зајакнување, а исправени се некои неправди што ги нанесе претходната власт, како, на пример, штетата врз 12.000 лица бидејќи нивните придонеси биле уплатувани само во првиот столб. Секако, на работоспособните не им треба социјална помош, туку работа и затоа треба сериозен ангажман на ова поле за да се намали високиот процент на невработеност.
Процесот на деинституционализација треба да продолжи бидејќи тоа е практика и во развиените земји. Во Демир Капија нема веќе деца, а исто така сите деца од домовите „25 Мај“ и „11 Октомври“ се сместени во мали групни домови. Овој процес треба да служи за
пример и да продолжи и во психијатриските болници во соработка со Министерството за здравство, затоа што условите за живот таму се под секое човечко достоинство,што е нотирано и во сите меѓународни извештаи.
Повеќе обучен кадар; изградбата и реновирање на нови градинки, но и државни домови за стари лица да биде приоритет. Сите чекори треба да бидат осмислени со детални анализи и транспарентно работење бидејќи само така е можен напредок.
Причините за пропаѓањето на македонското здравство се во погрешните политики, без стратешки цели, во партизацијата која навлезе длабоко во овој сектор, во популистичките методи и незаинтересираноста за суштински реформи. Од таквото работење поука треба да извлече сегашното раководство во Министерството за здравство.
Стратешките цели треба да бидат насочени кон превенција на болестите, бидејќи многу малку внимание ѝ се посветува на оваа област. Секако, потребни се едукација и кампањи за вакцинација бидејќи искоренетите заразни болести почнаа да се враќаат, а епидемијата на морбили веќе однесе повеќе детски животи. Со спречување и намалување на ризикот од болести не само што ќе имаат бенефит граѓаните туку и државата бидејќи ќе има помалку трошоци за лекување.
Црвените светла за здравството се запалени во сите земји , популацијата живее подолго, трошоците се сè поголеми и затоа мора да се направи пресврт во водењето на политиката во здравството.
Партизацијата во здравството треба да запре, а граѓаните мора да знаат како се трошат парите наменети за здравјето.
Иако станува збор за ограничени ресурси во здравството, треба да има фер дистрибуција на средствата и целиот тој процес да се одвива транспарентно. Комисиите за лекување во странство треба да бидат потполно независни од ФЗОМ. Во нив да не членуваат истите лекари кои даваат конзилијарни мислења поради влијание и двојни аршини во одлуките.
Потребна е итна ревизија на позитивната листа на лекови, од неа да се исфрлат сите застарени лекови и да се внесат нови. ФЗОМ најде решение за проблемот со лековите на рецепт кои ги снемуваше во првите неколку дена од месецот. Квотите очигледно не беа решение.
Потребна е реорганизација во работењето на примарното, секундарното и терцијарното здравство, за што не се потребни некакви финансиски средства, туку добра стратегија. За да опстане, јавното здравство мора да понуди подобри услови за лекување и престој
на пациентите, во спротивно тие ќе се преориентираат кон приватните болници или ќе умираат по улиците.
Во таква ситуација не само што ќе дојде до уназадување на здравствениот систем туку јавното здравство ќе ја изгуби улогата што ја има, со ризик да стане сосема нефункционално.








