Во врска со последните случувања во националната установа Музеј на Македонија, Министерството за култура соопшти дека утре инспектори за култура од Секторот за инспекциски надзор при Министерството, ќе извршат увид во работата на оваа установа од аспект на водењето на прецизна евиденција за музејските предмети кои се чуваат во оваа музејска установа.
Целта на надзорот, како што се наведува, е детално утврдување на почитувањето на сите аспекти предвидени во Законот за музеи, односно дали се запазени процедурите за водење на влезна книга, инвентарна книга, излезна книга, картотека и каталог на музејски предмети кои се чуваат во оваа национална установа.
Исто така, информираме дека овластени лица од Управата за заштита на културното наследство ќе извршат увид во работата на установата од аспект на примена на плановите за превентивна заштита на културното наследство од незаконски дејствија. По завршувањето на увидот, јавноста навремено ќе биде информирана за наодите од истиот, по што ќе бидат преземени соодветни законски мерки, стои во соопштението.




