– Во врска со последните изјави во јавноста на градоначалникот на општина Центар, Андреј Жерновски, во кои, неосновано го поврзува Министерството за култура со тендерските постапки водени од општина Центар, го потсетуваме г. Жерновски дека ниту Министерството за култура, ниту, пак, вработените во оваа институција, не учествувале, ниту биле дел од тендерските постапки за реализација на спомениците кои се дел од проектот „Скопје 2014“, реагираат од Министерството за култура.
Градоначалникот на Центар, во својот повик до премиерот Груевски, да одговори за тоа дали имал сознание за криминалот со спомениците од „Скопје 2014“, рече дека и Министерката за култура пет дена молчела, преку чие министерство се префрлале парите и хонорарите за спомениците.
– Госпоѓо Канческа Милевска, не знаевте и Вие или намерно ја заобиколивте вистината кога по изборите излеговте на прес-конференција и проектот „Скопје 2014“ се обидовте да го продадете како патриотска и чесна приказна?, рече Жерновски.
Неодамна, вториот извештај за проектот Скопје 2014 на експертите Слаѓана Тасева и Драган Малиновски, откри повеќе од осум милиони евра направена штета поради фаворизирањето на италијанските фирми кои ги лиеле спомениците.




