Министерството за транспорт и врски реагира на изјавите на градоначалникот на општина Центар, г. Андреј Жерновски кои се однесуваат на јавното електронско наддавање за изградба на објект за времено сместување во општина Центар.
– Се прашуваме за каква афера зборува градоначалникот Жерновски кога целокупната постапка за отуѓување на оваа локација е по електронски пат и е во согласност со законските прописи, а истата е реализирана на транспарентен начин, при што секој може да има увид во извршеното јавно наддавање.
– За жал, можеме да констатираме дека и денешниот ден градоначалникот на Центар го има потрошено во смислување на медиумски сензации со обид да го привлече вниманието на јавноста, наместо да се занимава со активности и проекти кои треба да го подобрат живеењето на жителите на општина Центар.
– Сакаме да ја информираме јавноста дека цените за отуѓување на градежното земјиште, сопственост на Република Македонија се утврдени со „Уредбата за начинот и постапката на отуѓување и давање под закуп на државно земјиште, сопственост на Република Македонија“ и истите се во зависност од локацијата и намената за градба.
– Со цел привлекување на нови инвестиции и стимулирање развој на туризмот, уште во септември 2010 година од страна на Владата на Република Македонија е предвидено почетната цена на јавните наддавање за продажба на градежно неизградено земјиште на кое според деталните урбанистички планови е предвидена изградба на објекти за времено сместување, односно хотели да биде евро за метар квадратен на територијата на целата држава, се вели во реакцијата на Министерството за транспорт и врски.




