Министерството за транспорт и врски најостро реагира на изјавата до медиуми на градоначалникот на општина Центар, г. Андреј Жерновски која се однесува на изградбата на нов објект со комерцијални и деловни намени во која се наведува дека „Скалите се надвор од градежната линија и инвеститорот треба да знае дека не може да добие дозвола од општина Центар. Тоа значи дека скалите се надвор од маркицата…“.
Жерновски: Ги спасивме ГТЦ И ЕВН од барокот
Министерството за транспорт и врски сака да ја информира јавноста дека станува збор за обид за манипулирање на јавноста од страна на градоначалникот на општина Центар. Станува збор за идеен проект кој е усогласен со Деталниот урбанистички план и сакаме јавно да го прашаме градоначалникот како утврдил дека објектот излегува од зацртаната маркичка кога се уште не е изработен главен проект, а согласно законот за градење се знае дека не може никој да гради надвор од градежната парцела?
Го прашуваме градоначалникот на Центар дали доколку се уплатат средствата за откуп на земјиштето е подготвен да ги врати, бидејќи сака изградба на овој објект?
Јавно го потсетуваме г. Жерновски дека како градоначалник не може да си дозволи да ги спречува инвестициите, туку напротив треба да ги поддржи и привлекува новите инвестиции во својата општина и дека согласно Законот за градење постојат точно утврдени процедури и рокови за издавање на градежно-техничката документација, за кои доколку не постапат општинските служби постојат санкции предвидени со законот.
Инвеститорот за изградба на предвидената инвестиција е избран по пат на електронско јавно наддавање и за само откуп на земјиштето најповолниот понудувач треба да уплати 97.382.600 денари, од кои согласно Законот за градежно земјиште средствата од отуѓувањето и од закупнината на градежното земјиште сопственост на Република Македонија се уплатуваат на посебна сметка во рамките на трезорската сметка. Приходите од овие средства се распределуваат во сооднос 20% за Република Македонија и 80% за општините и општините во градот Скопје, а средствата кои се распределуваат меѓу општините од подрачјето на градот Скопје и градот Скопје, се распределуваат во сооднос 50% за општината од подрачјето на градот Скопје и 50% за градот Скопје.“
Целта на овој проект е реализација на нова инвестиција и изградба на репрезентативен објект во централното градско подрачје, но и отворање на нови работни места.
Сведоци сме изминативе денови дека градоначалникот на општина Центар упорно се обидува јавно да ја дисквалификува работата на Министерството за транспорт и врски.
Констатираме дека градоначалникот на општина Центар во недостаток на проекти и реализациј на истите, секој ден се занимава со фабрикување на невистини во обид да фрли магла врз транспарентното и отчетно работење на Министерството за транспорт и врски во реализирањето на нашите многубројни проекти кои за крајна цел имаат подобрување на животниот стандард на граѓаните на Република Македонија.




