Комисијата за транспорт, врски и екологија во Собранието одржа јавна расправа на тема: „Енормно загадување на амбиентниот воздух во Република Македонија“ и едногласно беа усвоени следниве заклучоци:
Министерството за животна средина во рок од еден месец да собере информации од општините, градот Скопје и општините во градот Скопје, каде има изработен Катастар на загадувачи и истите информации да ги достави до Собранието на Република Македонија. Оние општини кои што немаат изработен катастар на загадувачи тоа да го направат во најкраток рок. Министерството во рок од еден месец да детектира извори на загадување на воздухот и да достави извештај до Собранието на Република Македонија и да се сервисираат и стават во функција сите мерни станици на државниот мониторинг систем најкасно до крајот на септември 2019 година.
Меѓу другите мерки се препорачува и да се обезбедат средства за набавка на автобуси со ниски емисии за Скопје и поголемите градови кои што имаат градски превоз, да се обезбедат субвенции за набавка на електрични и хибридни возила и дополнителни средства за набавка на печки на пелети со субвенционирање.
Градот Скопје и општините во градот Скопје, најмалку по два пати во текот на денот да ги мијат булеварите и улиците, а при надминување на прагот на алармирање за висока загаденост да се овозможи бесплатен градски превоз за сите граѓани. Министерството за внатрешни работи, при надминување на прагот на алармирање за високата загаденост, да изготви алтернативно сообраќајно решение за град Скопје и општините во градот Скопје;Министерството за економија да достави извештај до Собранието за ефектот од еколошките налепници а Државниот инспекторат во рок од два месеци да достави информација, колку контроли се направени, што е констатирано и што е превземено;




