Состанокот на министрите за надворешни работи на ЕУ почна утрово во Брисел, но преговорите за Македонија формално не се на агендата бидејќи се расправа за надворешно-политички прашања, а не за проширувањето. Ова е последен состанок на европските шефови на дипломатиите во Брисел пред самитот на 10 и 11 декември, кој е последна шанса да се донесе одлука за почеток на преговорите со Македонија оваа година, бидејќи следниот самит е закажан за 25 март. Дали ќе се отвори нашето прашање ќе се знае попладне, но малку е веројатно дека ќе има некакво придвижување до средбата на лидерите неделава.

Во меѓувреме, Во Бугарија речиси никој не верува дека владата на Бојко Борисов ќе се повлече од ветото на разговорите. Според бугарски извори, преговорите меѓу Софија и Скопје продолжуваат на техничко ниво,а како потврда за тоа се посочува  фактот дека сегашните „говорници“ на оваа тема од владата – Каракачанов и Захариева, не коментираат, очигледно давајќи им можност на дипломатите да бараат решение.

Очекувањата се дека германската канцеларка Ангела  Меркел ќе се обиде да изврши притисок врз бугарскиот премиер Бојко Борисов за време на самитот на 10-11 декември во последен  обид да се закаже меѓувладинтаа конференција. Преостанува време за маневри и до крајот на годината, бидејќи се верува дека германското претседателство има договор со Португалија, како следен претседавач, ако има одлука за датум и ако ја поддржи Бугарија, меѓувладината конференција да се одржи за време на нејзиното претседателство.

Весела Чернева, заменик директор на ECFR-Европскиот центар за надворешни односи и поранешен портпарол на бугарското МНР, сепак смета дека ако не биде донесена одлука за одржување конференција за време на германското претседателство, прозорецот за проширување ќе биде затворен најмалку една година.

-Португалија веќе ги објави своите приоритети каде проширувањето не е присутно. Словенија, која ќе претседава со Советот на ЕУ од 1 јули, нема да има храброст да интервенира во спорот меѓу двете балкански земји, ниту пак ќе има овластување од Брисел да притиска за отворањето на преговорите. По напуштањето на Велика Британија, Германија е последната голема земја на ЕУ што држи до проширувањето, оценува Чернева.

Според Чернева, Бугарија ќе се согласи да го укине ветото ако се најде компромис за два од нејзините четири услови. Таа смета дека за Софија би било доволно доколку Македонија се изјасни дека нема никакви претензии кон македонското национално малцинство во Бугарија и доколку се откаже од говорот на омраза. За јазичниот спор, според Чернева, Бугарија би била задоволна со формулацијата што како компромис ја предложи германското претседателство – „јазик кодифициран во 1944 година“. За историјата – Бугарија според неа ќе се согласи да им ја препушти работата на историчарите, бидејќи ќе бидат потребни години пред да се решат споровите.

Професор Евгениј Дајнов, политиколог од Новиот бугарски универзитет и критичар на ГЕРБ, ја дели тезата на Зоран Заев дека ќе треба да се почекаат изборите во Бугарија за да се одмрзне прашањето со почетокот на преговорите.

-ГЕРБ е ослабена од протестите во текот на летото и очајно бара сојузници за владеење по изборите. Таков сојузник може да биде ВМРО и затоа беше организирана целата кампања за вето, вели Дајнов. Од друга страна, ВМРО исто така се бори да влезе во парламентот и планира да ја спроведе целата своја кампања користејќи ја    Македонија. Ова, според него, е корисно и за ВМРО и за ГЕРБ, особено ако не успеат да ја контролираат кризата со коронавирусот.

Според Дејнов, патриотско-националистичкиот говор ги обединува гласачите, но тоа нема да биде до степен до кој Борисов го замислува тоа и нема да биде доволно за тој да победи на изборите. Дајнов исто така верува дека Борисов е целосно способен да го издржи притисокот на Германија и ЕУ  околу ветото. Според него, единствениот притисок на кој Борисов би попуштил е американскиот.

Весела Чернева исто така смета дека патриотскиот наратив нема да биде доволен за победа на изборите, бидејќи Бугарите се повеќе заинтересирани за тоа кој ќе може да управува со здравствената криза и нејзините економски последици.

Дека владеечката партија во Бугарија ќе продолжи да го користи ветото кон македонија за поени потврдува и изјавата на европратеникот Андреј Ковачев.  Тој утрово тврдеше дека Македонија  се обидува да најде разни изговори да не се постигне компромис и дека бугарските избори немаат никаква врска со „заедничката историја“, бидејќи сите партии имаат иста позиција во однос на тоа прашање во Бугарија.  Според него, „потребна е поголема храброст од страна на премиерот  Зоран Заев“.

-Договорот за добрососедство и пријателство мора да се спроведе. Ако во Заедничката мултидисциплинарна експертска комисија за историски и образовни прашања на Бугарија и Северна Македонија колегите од Скопје се плашат да ги прифатат фактите, тогаш ќе треба да се најдат други механизми за спроведување на Договорот, рече Ковачев, нагласувајќи: Европската унија постои да не се мразиме едни со други, туку да живееме заедно во целосна толеранција.Не можеме да дозволиме младите во РСМ да бидат воспитувани во омраза кон Бугарија. Во текот на последните три децении, ние континуирано демонстриравме добра волја – ние бевме првите што ги признавме како независна држава, го браневме нивниот територијален интегритет, дававме разновидна помош, вклучително и воена помош и ги враќавме на патот на европската интеграција. И, од друга страна, она што го гледаме – тие не се во можност да се разделат од приодите на Тито и не се подготвени да ги отстранат наметнатите поделби од комунистичките режими “, рече европратеникот.

На прашањето дали очекува каква било промена во позицијата на Бугарија  пред утрешниот состанок во Брисел, Андреј Ковачев кратко одговори: Малку е веројатно дека утре и во следните неколку часа ќе има развој во сегашната состојба, особено со оглед на неуспехот на последниот состанок на крајот од минатата недела на заедничката бугарско-македонска историска комисија.

извор: независен.мк