„Демократските институции се уште се кревки: парламентарниот бојкот, како и употребата на итни постапки за донесување на важни закони, покренуваат загриженост кај меѓународната јавност.
– Ова е многу загрижувачки затоа што употребата на итната постапка неодамна предизвика насилни судири дури и внатре во парламентот“, истакна во обраќањето пред македонскиот Парламент претседателот на Парламентарното собрание на Советот на Европа, Жан Клод Мињон.
Мартовскиот договор постигнат меѓу политичките сили, според него, овозможи да се нормализира ситуацијата, но сепак, многу е важно да се продолжи со конструктивна дебата во Парламентот притоа почитувајќи ги правата и на опозицијата.
Посочи на развојот на плурализмот во медиумите и на создавање на една поволна средина за работата на новинарите, како на многу важни фактори неопходни за доброто функционирање на демократското општество.
Реформите во доменот на судството треба да продолжат, рече Мињон, во однос на зајакнување на довербата на населението во независниот и непристрасниот карактер на судството.