Македонскиот народ се буди и нема да им заборави на сите оние кои сакаат со потпис за ден – два да стават крај на Македонија. Не нѝ треба Европа, ако треба да се асимилираме, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски од вечерашниот сенароден протест пред платото на Влада под мотото „Ултиматум – Не благодарам“.

„Јас не сакам да бидам во Европа, затоа што имам право да бидам Македонец, кој говори на македонски јазик и кој се бори за својата Македонија, за својот идентитет, за својата култура, за својата историја и за своето наследство. Тоа е она што сакам денеска да го порачам, а тоа го порачуваат и овие десетици илјади граѓани, за неколку недели по оној грандиозен настан на 18 јуни“, изјави Мицкоски.

На Владата, како што рече Мицкоски, ѝ порача дека „не го интересира пораката на Еди Рама, туку го интересира пораката на овие илјадници луѓе тука, а тоа е „не“ за последниот предлог“.

„Ќе почекаме. Ако Европа не е подготвена да нè прими нас цивилизираните Македонци, на цивилизиран и достоинствен начин, таму каде што нѝ е местото, а тоа е во Европа, ќе почекаме кога ќе дојдат луѓе кои го разбираат она што ние денеска сакаме да го кажеме. А тоа е Македонија пред и над се, македонскиот идентитет пред и над се“, нагласи Мицкоски.

На овој голем сенароден протест нема политика има само една партија, а тоа е Македонија, додаде Мицкоски и додаде дека тука се луѓе од сите политички партии, но и оние што се неопределени, а кои изминатото деноноќие дадоа голем отпор и на социјалните медиуми, јавно, но и во друштво со своите сомисленици.

Вечерашниот протест пред Владата траеше околу час и пол, а за утре е најавен нов собир во исто време и на исто место.