Претседателот на ВМРО ДПМНЕ Христијан Мицкоски на прес конференција кажа дека денеска ги победиле сите остатоци од транзицијата и криминалната политика на власта но целосно не ги поразиле и затоа е потребна победа и во вториот круг.
„Ја победивме хотел коалицијата. Оваа власт за две години си го покажа вистинското лице. Доаѓа правдата. Почна падот на Зоран Заев затоа што народот не го заборава целото зло што овие луѓе го сторија“ рече Мицкоски.
Мицкоски кажа дека нивниот кандидат за претседател Гордана Силјаноска Давкова освоила повеќе гласови од Пендаровски во Гази Баба, Ѓорче Петров, Свети Николе, Македонска Каменица, Гевгелија, Кавдарци,Виница Росоман, Виница, Битола, Прилеп, Аеродром, Кисела Вода, Штип.
Тој ги повика граѓаните да ја подржат Силјановска и во вториот круг од изборите.
Претседателскиот кандидат на ВМРО ДПМНЕ Гордана Силјановска Давкова на прес конференција во седиштето на ВМРО ДПМНЕ кажа дека ако се спореди бројот на гласовите кои ги добила опозицијата заедно со оние на Река се покажува дека народот гласал против „режимот потонат во корупција и непотизам“.
„Опозицијата успеа навистина не само да им предочи на граѓаните, туку и да ги убеди дека во отсуство на правда може да си раскажуваме приказни за ЕУ и НАТО затоа што само со право може да се стигне до почеток на преговорите“.
„Мора да се стави крај на транзиционите политичари кои во сиот период трчале од функција на функција и сега сакаат да завршат со највисоката функција. Нам ни треба нов профил на политичари“ рече Силјановска.
Силјановска додаде дека „битката допрва претстои“ и најави дека е време да се оди и на предвремени парламентарни избори затоа што ако некој си го потрошил легитимитето за неполни две години, тогаш тој е во слободен пад.





