Со средба на претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски и предложените кандидати во Тетово, партијата ја започна изборната кампања за вонредните локални избори за нови општински советници што се закажани на 20 август. Партискиот лидер Мицкоски посочи дека од граѓаните очекува да кажат гласно „Не“ во кампањата за политиките на Владата на СДСМ и ДУИ.

„Листата предводена од Ангел Карапетров, листата на ВМРО-ДПМНЕ, очекуваме да освои апсолутно повеќе советници од бројката што беше до сега. Очекуваме бројот на гласови да биде поголем, иако периодот кој што е сега е навистина предизвикувачки поради годишните одмори кои што ги користат нашите сограѓани. Но, мислам дека мобилизацијата ќе биде на високо ниво. И ценам дека граѓаните овде во Тетово на овие избори и ќе гласаат не односно ќе гласаат против коалицијата на СДСМ и ДУИ“, посочи Мицкоски.

Тој смета дека тие што ќе гласааат за ново, модерно и современо Тетово ќе гласаат за советничката листа ВМРО-ДПМНЕ, преводена од Карапетров.

„Убеден сум дека тоа ќе биде листата која што ќе направи многу за граѓаните овде во Тетово и тоа е листата која што ќе треба да покаже еден обединувачки карактер, односно граѓаните во Тетово, овде да се обединат. Свесен сум дека ќе има и други кои што ќе сакаат да го фрагментираат гласачкото тело во Тетово, но убеден сум дека граѓаните ќе бидат над таа ситуација, ќе го препознаат квалитетот и ќе го дадат својот глас за советничката листа на ВМРО-ДПМНЕ“, истакна Мицкоски од Тетово.