Опозициската ВМРО-ДПМНЕ за вечерва најави антивладин протест во Скопје.
Се очекува на протестот повторно да биде упатена порака до власта за предвремени парламентарни избори.
Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски повика на обединување против лошата власт.
– Нема да молчиме бидејќи сега треба да бидеме гласни. И ние таа битка ќе ја водиме. И за таа цел вратите на народот се широко отворени. ВМРО-ДПМНЕ е партија на народот, но и главната сила која во периодот што следи ќе ги предводи промените, вели Мицкоски.
Лидерот на опозициската партија повика на протест за промени пред Владата вечерва во 20 часот.
Францускиот предлог, според опозициската партија е уцена и целосно фијаско на Ковачевски поради што тој треба дададе оставка веднаш.
– Наместо да молчи Ковачевски треба веднаш да излезе и да го отфрли предлогот кој беше презентиран од медиумите. Дали СДСМ ќе прифати тивка бугаризација или целосно отфрлање на Македонија од процесот на евроинтеграции? СДСМ прави идентитетски удар врз постоењето на народот, државата и идентитетот, вели ВМРО-ДПМНЕ.