Време е да се чуе нашиот заеднички глас и затоа продолжуваме со борбата за Македонија, истакна денеска во видео обраќање претседателот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски а пред неделниот протест во Струмица.
„Се чувствуваш несигурно, денот ти започнува и завршува со грижи како да го поминеш наредниот ден, неизвесноста ја поткопува твојата самодоверба и пречесто се наоѓаш во кругот кој ти носи разочарување. Знаеш длабоко во себе дека ова не е она за што се бореше и тоа што го замислуваше од нашата заедничка држава. Ја нема ниту европската перспектива во која се развиваат другите луѓе како тебе кои живеат во тие држави. Вознемирува чувството дека децата брзо растејќи ќе сфатат дека тука нема перспектива за нив и ќе си побараат иднина во некоја друга далечна држава, а тоа не е судбината која ја посакуваше“, вели Мицкоски во обраќањето до јавноста.
Зборувајќи за Договорот за името тој вели дека „премиерот вели дека мора да се откажеш од името затоа што само така ќе било подобро, а ти знаеш дека тоа не е така“.
„Вистинското прашање е дали може поинаку? Еве на секој еден од вас Ви кажувам, на сите, машко и женско, старо и младо сите кои ги делите овие чувства, ДА може поинаку, и тоа поинаку ќе дојде доколку се крене и чуе твојот глас, гласот на твоите блиски, роднини и пријатели. Заслужуваш подобро и тоа подобро ќе дојде. Затоа што јас влегов во политиката со чиста мисла и со надеж дека ќе оставам зад себе нешто добро за нашата заедничка иднина како држава. Да ја победиме неправдата и да се чуе тој пркосен глас кој силно вриска во вашите срца и да кажеме, да мора подобро!“, вели Мицкоски.
Поради сето ова, Мицкоски ги повика граѓаните да му се придружат нему и на ВМРо-ДПМНЕ во недела на протестот што е закажан во 13 часот во Струмица.




