Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски вчера вечер рече дека на 30 септември ќе се дознае дали ќе излезе или нема да излезе на референдумот. Мицкоски во интервју за 24 вести рече дека повикот членовите на партијата да постапат според сопственото убедување не значи повик за тивок бојкот на референдумот.
Тој ниту вчера не сакаше да каже како тој ќе постапи и дека тоа ќе го каже на дуел со Заев.
– Премиерот има шанса да дознае само треба да се одважи да дојде и на крајот на дуелот ќе го дознае ставот на Христијан Мицкоски. Дали Христијан Мицкоски ќе излезе или нема да излезе не е важно затоа што ВМРО-ДПМНЕ донесе одлука. 455 илјади граѓани го слушнаа ставот на ВМРО-ДПМНЕ, рече Мицкоски.
Според него, ставот се донел во рамки на партиските тела по состаноците на пратеничката група, на Извршниот и Централниот комитет и бил соопштен притоа посочувајќи на сите штетни последици од Договорот со Грција.
-Ова е надпартиско прашање за кое граѓаните треба да одлучат, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ додавајќи дека договорот не е дел од референдумското прашање и оти тоа е прашање со повеќе значења со цел да се направи забуна кај граѓаните.
На прашањето дали ќе прифати амнестија за поранешниот лидер Никола Груевски и поранешниот директор на ДБК Сашо Мијалков, во замена за поддршка на референудмот, рече дека ќе одбие.
-Не разбирам за каква амнестија станува збор. Ќе одбијам. Не знам кој е тој што би ми ја понудил таа амнестија и не знам на што ќе се однесува таа амнестија, колку што знам правосилна пресуда нема ниту за едниот ниту за другиот, рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Јанчев: ВМРО ДПМНЕ сакаше референдум
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ Митко Јанчев вечерва изјави дека неговиот став за референдумот е во согласност со одлуката на партијата секој да постапи според сопственото убедување, но оти неговиот предлог бил членовите на партијата да се повикаат да излезат на гласање и да гласаат „против“ референдумското прашање.
-Не сум дел од тивок бојкот, мислам дека членовите на ИК и претседателот на партијата немаат и не треба да имаат такви размислувања. ВМРО ДПМНЕ размислува како побрзо да се врати на власт. 15 години наназад, ВМРО ДПМНЕ се залагаше за референдум. Референдумот не се бојкотира, ниту тивко, ниту реално. Членството на ВМРО ДПМНЕ не може да биде за овој договор, тој е работа на Заев, ние треба да сме против договорот, но што се однесува до ЕУ и НАТО, ние сме проевропски ориентирана пратија, , изјави Јанчев за Телма.
Според Јанчев, тој нема проблем со надворешната употреба на името Северна Македонија, но се противи на внатрешната употреба.
Јанчев во изјави за неколку електронски медиуми кажа дека тој е против Договорот со Грција за името и за влез на Македонија во ЕУ и во НАТО.
Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ демантира дека би гласал „за“ референдумското прашање и рече дека својот став на синоќешните состаноци на партијата го соопштил телефонски бидејќи не бил во можност да присуствува на нив во Скопје.
Мицкоски: Нема индиции за раскол
Поради ваквото разногласие, на прашањето дали се плаши од раскол во партијата Мицкоски вели дека не се плаши ниту, пак, дека има индиции за такво нешто. Кажа исто така дека има голема поддршка од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.
Не одговори дали ќе си поднесе оставка од претседателската функција доколку ввласта добие поддршка за Договорот од Преспа, туку рече дека ВМРО-ДПМНЕ и тој ниту биле дел преговорите за него, ниту некој ги прашал за референдумот и референдумското прашање.
– Легитимитетот на еден политичар е под знак на прашање на парламентарни избори, рече Мицкоски.






