Во рамките на билатералната соработка со Народно позориште во Белград, Македонскиот народен театар со претставата „Животот на Молиер“ од Михаил Булгаков, а во режија на Александар Поповски гостува на 8. мај во Белград на сцената на Народно позориште.
На 10. мај претставата учествува во официјалната конкуренција на Меѓународниот фестивал на Мали сцени во Ријека, Хрватска, а на 12.мај „Животот на Молиер“ гостува во театарот Гавела во Загреб , еден од најдобрите и најреномирани хрватски театри.
Во насловната улога на Молиер настапува извонредниот Никола Ристановски, кој токму за оваа улога ја доби минатогодишната награда „Војдан Чернодрински“ за главна машка улога.
Останатите улоги ги толкуваат: Емил Рубен, Николина Кујача, Оливер Митковски, Драгана Костадиновска, Дениз Абдула, Марија Новак, Игор Ангелов, Никола Ацески и Ивана Павлаковиќ. Сценографијата е на Свен Јонке, а костимите на Снежана Пешиќ-Раиќ.