Лицето од Кичево денеска е тестирано од мајмунски сипаници и во моментот е во изолација, потврди портпаролот на Комисијата за заразни болести (КЗБ), Злате Мехмедовиќ.

„Пациентот од Кичево денеска беше исконтактиран, а потоа и тестиран од лица во Центарот за јавно здравје во Битола. Во моментов, тој е во изолација, а резултатите од тестот ги очекуваме до 20 часот“, додаде Мехмедовиќ.

Ова беше првиот пациент за кого постоеше сомневање дека е заразен со мајмунски сипаници, но тој одбиваше да се тестира.

Претседателот на КЗБ, Александар Петличковски на последната прес-конференција во врска со овој случај потенцира дека нема законска можност за лицето да се присили на тестирање, бидејќи ова не е болест со која следи задолжителна изолација, туку има само препорака. Но, како што рече, постои можност да се побара здравствен надзор.