Невладината асоцијација МОСТ објави дека до 16 часот на гласање излегле 26 отсто од вкупниот број запишани гласачи.
„Од набљудувачите и регионалните координатори на МОСТ потврдено е дека на гласачкото место 2893/1 во општина Чаир 11 луѓе не се пронашле на Избирачкиот список. На ГМ 2828 во општина Центар регистрирани се 12 случаи на групно гласање. Доколку граѓаните не можат да се пронајдат во Избирачкиот список на избирачкото место во кое обично гласаат, ги советуваме да ги проверат описите на останатите избирачки места во објектот или да проверат на веб-страницата http://izbirackispisok.gov.mk“, информираат од МОСТ.
Граѓанската асоцијација МОСТ го следи референдумот со повеќе од 1.500 набљудувачи. За сега регистрирале прекин на гласањето на едно гласачко место во Струмица и навредливи графити.
Според Државната изборна комисија (ДИК) излезноста на референдумот на дијаспората изнесува 36,56 отсто или гласале вкупно 985 лица од 2.694 лица со право на глас, соопштија од Државната изборна комисија а во затворите гласале 64.69 отсто од затворениците со право на глас. Од 1859 лица кои гласаат дома, односно болни и немоќни, гласачкото право го оствариле 1520 гласачи. Во врска со инцидентот што вчера се случи на гласачко место во Мелбурн, Австралија, од ДИК велат дека случајот е евидентиран и пријавен.
Во Македонија денеска се одржува референдум на државно ниво на којшто гласачите треба да се изјаснат на прашањето „Дали сте за членство во ЕУ и НАТО, со прифаќање на договорот на Република Македонија и Република Грција?“ со заокружување „За“ или „Против“.
Право на глас имаат еден милион 806 илјади и 336 гласачи запишани во избирачкиот список. Се гласа на 3.748 избирачки места кои се отворени од 7 до 19 часот.
Право на глас на денешниот референдум има секое лице кое е запишано во избирачкиот список. По доаѓањето на гласачкото место, најпрво се идентификува, и се потпишува во избирачкиот статус. Како документи за лична идентификација се сметаат само лична карта или пасош.
Не се прифаќаат документи како здравствена легитимација, возачка дозвола или ученичка или студентска легитимација и индекс.
Доколку гласачот е неписмен, тогаш ќе стави отпечаток со мастило на местото за потпис. Ниту еден граѓанин не смее да гласа без потпис во избирачкиот список.
На гласачот му се издава гласачко ливче и со заминувањето зад параванот, се потполнува исклучиво со сино хемиско пенкало. Доколку гласачот погреши, нема да му биде издадено ново гласачко ливче.
По потполнувањето на ливчето, со превиткување, гласачот го става во кутијата. На гласачот нема да му биде дозволено да го напушти гласачкото место без да го стави ливчето во кутијата.
Гласачките места се отвораат во 7 часот наутро, а се затвораат во 19 часот вечерва. Доколку поради некоја причина имало прекин во гласањето, тоа се продолжува за онолку колку што траел прекинот, но не подолго од три часа.
Забрането е фотографирање и снимање на избирачкиот материјал и на избирачите додека гласаат. Гласање за друго лице е забрането, може само да му се помогне на избирач кој има физички недостаток или е неписмен.




