На прашањето „Дали жителите на Пустец ќе гласаат како жители на Македонија или како дијаспора на претстојните избори во Македонија?“, министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска изјави дека за тоа не е надлежно МВР, туку Државната изборна комисија.
Јанкулоска објасни дека не може да каже кој се е дел од избирачкиот список, затоа што тој во целост спаѓа под ингеренциите на ДИК и таа не сака да говори во име на другите институции.
„Ние сите податоци од евиденциите на МВР од фактичката состојба ги доставивме до ДИК. Како ДИК ќе постапува, какви одлуки ќе носи, каков список ќе потпише за спроведување на изборите не е во моја надлежност и не би можела да одговорам. Нашата обврска беше согласно член 43 од изборниот законик во рок од 24 часа од распишувањето на изборите, податоците од базите на МВР, кои ние ги водиме по службена должност ги доставивме до ДИК“, изјави Јанкулоска.
Од СДСМ потврдуваат дека Избирачкиот список за овие избори е практично ист како и оној за локалните минатата година, односно ажуриран на истиот начин, како кога се појавија стотиците гласачи од Пустец, во општините Центар, Охрид, Кичево. Клучни за точноста на овој список се податоците од Министерството за внатрешни работи, како и од Министерството за правда, потенцира опозицијата.




