Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски соопшти дека се покренати пет постапки за говор на омраза и се поднесени соодветни пријави до јавните обвинителства во Скопје, Струмица и Куманово и се работи на детекција на други профили на социјалните мрежи од кои се шират говори на омраза, во врска со трагичната сообраќајна несреќа кај Ласкарци во која 14 луѓе ги загубија животите, а над 30 се повредени, од кои петмина се критично.
За граѓанското однесување, сочувството и солидарноста неоптоварени од национализам, Спасовски вели дека тоа е Македонија каква што ја посакуваме, за којашто мораме да се бориме, вистинското лице на Македонија. Но, како што додаде, МВР веќе покренало постапки за говор на омраза, кои во вакви моменти на обединетост предизвикуваат чувство на човечки пораз.
-Таков говор на омраза апсолутно ме прави понижен и поразен кога доаѓа дури од универзитетски професор. Лично, чувствувам дека како луѓе не можеме да се издигнеме пред се, дека сакаме да се почитуваме меѓусебно, туку напротив, можеби политичките, верските и националните поделби ги ставаме пред човечкиот живот што е нешто најсвето, вели Спасовски.
Ректорот на УКИМ Никола Јанкуловски денеска преку соопштение се огради од изјавата на Ванковска.
Спасовски исто така рече дека државните институции и на локално и на централно ниво одговориле навистина брзо и ефикасно и им се заблагодари на сите што пожртвувано и без прекин работеа на местото на несреќата и во државните и приватните болници.
-Институциите функционираа на најдобар можен начин, со оглед на големината на трагедијата, времето за коешто реагираа, одговорноста што ја покажаа беше на високо професионално ниво. Но и солидарноста што се покажа меѓу институциите беше многу важна во овие моменти, рече Спасовски.




