Републичкиот совет за безбедност во сообраќајот на патиштата предаде 10 нови Дачии за полициските служби при Министерството за внатрешни работи (МВР). Тоа, според министерот Оливер Спасовски, е уште еден од мноштвото докази за заедничкиот и, пред сè, партнерски однос што две институции го имаат изградено и негувано со децении наназад во сферата на сообраќајната безбедност.

„Ланската година заврши со најмал број на жртви во сообраќајот во последните 15 години. Најголемо намалување на сообраќајните незгоди е забележано на подрачјето на СВР Скопје, како подрачје со најголема фреквенција на возила. Трендот на намалување на бројот на жртви во сообраќајните незгоди продолжува и оваа година. Во првите три месеци има 18 жртви што е за 10 помалку во однос на истиот период лани“, изјави Спасовски.

„Со новите и целосно опремени возила за полициски служби што се обезбедени преку Буџетот на Републичкиот совет за безбедност на сообраќајот на патиштата, продолжува интензивната соработка меѓу двете институции со една цел што ја споделуваме со години – градење и унапредување на безбедносните стандарди и исти такви вредности во сообраќајот што ќе значат значително елиминирање на причините и последиците од сообраќајните несреќи“, дополни Спасовски.