На 11 јули, ГЕРБ, „Има таков народ“ и БСП можат да сметаат на околу 90% од своите гласачи од изборите од 4 април годинава. Очигледно е дека водечките бугарски партии се стремат да ги зачуваат своите цврсти јадра, иако постоеше обид да го прошират гласачко тело. Последново се покажа како потешка задача за традиционалните партии, се наведува во заклучоците од истражувањето спроведено од „Егзакта рисрч груп“, спроведено во периодот 1-5 јули на 1.005 полнолетни бугарски граѓани во 92 населени места низ целата земја.
Според истражувањето, 21,4% од гласовите би освоила коалицијата на ГЕРБ, со 20,8% следува „Има таков народ“, 15,8% – БСП, 12,8% – Демократска Бугарија, 11,2% – ДПС, а под изборниот праг остануваат со 4,8% – „Исправи се“, и со 4,0% ВМРО-БНД.
Во меѓувреме продолжува конфликтот на техничката Влада, чиј состав е предложен од претседателот Румен Радев, со службениците и функционери од сега веќе опозициската партија предводена од Бојко Борисов, ГЕРБ. Копјата ги кршат Министерството за внатрешни работи, предводено од техничкиот министер Бојко Рашков и првиот државен обвинител Иван Гешев, кој пак како кандидат за позицијата беше поддржан токму од ГЕРБ. Скоро секојдневно министерот Рашков обелоденува случаи на обид за купување на гласови, за кои во јавноста се коментира дека главни протагонисти се функционери од партијата на Борисов, додека пак оттаму враќаат дека МВР е целосно ставено во напад на поранешните властодршци, со цел да го нарушат кредибилитетот пред изборите во недела. Од друга страна и Обвинителството покренува истраги на своја рака, каде пак главните осомничени за купување гласови се фигури од политичките противници на ГЕРБ.
Во последните 24 часа во обвинителствата на територијата на земјата се поднесени 166 нови пријави поврзани со кршење на изборниот процес. Нивниот вкупен број заклучно со 10.00 часот на 9 јули 2021 година веќе изнесува 466. Станува збор за сигнали добиени од граѓани, Државната агенција за национална сигурност и МВР, кои содржат податоци за кршење на политичките права на граѓаните. Во последните 24 часа покренати се 15 нови предистражни постапки за кршење на политичките права на граѓаните, а нивниот вкупен број сега е 60, информираат од Обвинителството.

Сепак, бугарскиот министер за внатрешни работи, Бојко Рашков не е задоволен од бројката на поднесени обвиненија.
„Иницирањето на постапките е работа на бугарското обвинителство. Немаме објаснување зошто не го прават тоа. Од 4 април има околу 1.000 пријави со сомнежи за нарушување на изборниот процес. На прсти може да се избројат отворените постапки“, додаде министерот. Тој дури и ја обвини поранешната претседателка на Собранието од редовите на ГЕРБ, Цвета Карајанчева, дека директно врши притисок врз полициските началници, со цел да се саботираат акциите за апсење на нарушителите на изборниот процес.
„Поранешната претседателка на Народното собрание, Цвета Карајанчева, му се јавила на регионалниот началник на Министерството за внатрешни работи во Крџали, заканувајќи му се дека нема да остане на функцијата. Го прашала зошто презема мерки против државни службеници кои се активисти на ГЕРБ. Разговорот се обавил по 22:00 часот. Кандидат за пратеник му се јавува на висок државен службеник и му се заканува со отказ затоа што ги извршува своите должности согласно законот. До таму стигнавме, а токму овие луѓе сакаат да се вратат на власт“, рече Рашков.
Карајанчева врати уште пожестоко. „Сведоци сме на монструозни манипулации од страна на привремената влада на Радев. Бугарија не памети толку груба полиција, претреси, пријави, расчистување на сметки и загревање на сценаријата од мрачните тоталитарни времиња. На сите што продолжуваат да бидат прогонувани од репресивната машина на Рашков, ќе им кажам – не плашете се, нема синџир за вистината, а вистината е на наша страна“, вели Карајанчева.
Рашков претходно Рашков во интервју за БНР, објави дека неговите подредени откриле шема за изборни нарушувања во Пловдив, која работела во корист на ГЕРБ. Според него, станува збор за трговија со гласови на Ромите во населбата Столипиново, а еден глас чинел 30 лева. Тој Рашков сериозно ја критикуваше работата на обвинителството, нагласувајќи дека „очигледно, не можеме да очекуваме помош од ова раководство на обвинителството, туку само пречки и саботажа“.
Веднаш реагираше и Обвинителството на Иван Гешев, од каде порачаа дека министерот за внатрешни работи грубо ја крши независноста на обвинителството и „врши обид за незаконско влијание во обавувањето на функциите на судиите при донесување одлуки во конкретни предистражни постапки“.
Од ГЕРБ пак излегоа на протести, поради, како што велат, теророт на полицијата.
„Има луѓе во оваа влада кои прават сè друго, но не ја прават својата работа, тие се закануваат, тероризираат и искажуваат неосновани навреди, навреди и клевети кон поранешните функционери, без никакви докази“, изјави Спас Грневски од ГЕРБ.
Додека трае пресметката на релација МВР-Обвинителство, во Бугарија течат последните часови од изборната кампања. На полноќ започнува изборниот молк, а судејќи според резултатите од анкетите најверојатно без поголеми измени во недела ќе се пресликаат резулатите од 4-ти април, кога „партиите на протестот“ (ИТН, Демократска Бугарија, Исправи се), по едногодишните бунтови против власта на Борисов не успеаја да формираат парламентарно мнозинство и заедно немаа 120 пратеници во Народното собрание, кое брои 240 народни избраници. Овојпат, од трите партии уверија дека ќе смогнат сили да создадат коалиција, со која би го испратиле Борисов во политичка пензија.