Министерството за внатрешни работи ги информира граѓаните дека, согласно одредбите од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата, од денеска ќе започне примената на законската обврска за задолжително поседување на пропишаната зимска опрема за моторните возила и работните машини кога учествуваат во сообраќај на пат надвор од населено место, а која ќе биде во сила во периодот од 15 ноември до 15 март идната година.
МВР, во интерес на навременото информирање на учесниците во сообраќајот, потенцира дека, согласно пропишаните норми, униформираните полициски службеници ќе наредат возачот да го прекине натамошното движење на возилото ако не постапи според сообраќајниот знак за задолжително носење и употреба на зимска опрема.
Исто така, согласно законските одредби униформираните полициски службеници може да наредат возачот да го прекине натамошното движење и кога не постои сообраќаен знак за задолжително носење на зимска опрема, ако зимските услови на патот не овозможуваат непречено и безбедно одвивање на сообраќајот, односно задолжително да ја постави на возилото зимската опрема.
Притоа, граѓаните треба да имаат предвид дека глоба во износ од 15 евра во денарска противвредност, во мандатна постапка, ќе му се изрече на возачот кој постапува спротивно на одредбата од членот 404 став 1 од Законот за безбедност на сообраќајот на патиштата.




