– Годишниот извештај за работењето на Полициската станица од општа надлежност во Ѓорче Петров го бранел вршителот на должност командир, кој согласно законот, има времено решение, се појаснува во реакцијата од МВР на денешната прес-конференција на Снежана Ангелковска Трајковска, координаторка на советничка група на СДСМ во Ѓорче Петров, која изјави дека министерката за внатрешни работи, Јанкуловска, постапила спротивно на законот.
>> За Јанкуловска не важи законот, сама именувала командир во полицијата во Ѓ.Петров
Од МВР тврдат дека во Ѓорче Петров командир се уште не е именуван, и дека при изборот предлозите навремено ќе бидат доставени до советот на општината.
– Скандал и невиден срам за партијата е најблагиот опис на денешниот настап на функционери на СДСМ кои пред јавноста прикажаа целосно непознавање на законите и ингеренциите кои ги имаат, но и бескрупулозна манипулација на граѓаните, стои во реакцијата од МВР.
Од најголемата опозициска партија пак, децидно тврдат дека скандалозно и срамно е кршењето на законот од страна на Министерката за внатрешни работи.
– МВР призна дека во општина Ѓорче Петров е именуван вршител на должност командир. Со тоа МВР призна дека Гордана Јанкулоска не ги почитува законите и подзаконските акти за полиција. Ненавременото споведување на процедурите за избор на командири на полициските станици од општа надлежност при СВР Скопје, потврдува дека Јанкулоска нема капацитет за спроведување законска постапка, се вели во реакцијата на СДСМ.
Според нив Јанкулоска директно упаднала во надлежноста на Советот на општината Ѓорче Петров.




