Министерството за внатрешни работи ги демантира шпеплулациите што последниве денови се појавија во јавноста, особено на социјалните мрежи, во врска со исчезнувањето на неколкумина, кое беше поврзувано со наводна трговија на органи. Од МВР најавуваат дека за оние кои намерно ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени законски мерки.
-Целосно ги демантираме лагите и измислиците што неодговорни поединци ги шират по социјалните мрежи со цел да предизвикаат паника кај граѓаните. МВР ја гарантира безбедноста на граѓаните! Апсолутна лага е дека имало некакво вадење на органи или некакви слични дезинформации. Апелираме до медиумите и јавноста да се повикуваат на официјалните податоци на институциите и да се воздржат од шпекулации што можат да ја вознемират јавноста, се вели во објавата на Фејсбук страницата на МВР доцна синоќа.
Оттаму посочуваат дека „статистичките податоци покажуваат дека не постои тренд на пораст во исчезнувањата, и дека во континуитет во последниве пет години пронаоѓањето на пријавените исчезнати лица се реализира со околу 94%“, велат од МВР со апел за воздржување од шпекулации кои неосновано ја вознемируваат јавноста.
МВР најавува дека за оние кои со очигледна намера ја вознемируваат јавноста, ќе бидат преземени соодветни мерки согласно законите.
Откако во јавноста се појавија апели за помош за пронаоѓање на исчезнати лица, и особено по информациите дека некои од нив се пронајдени мртви (а некои ги нема подолг период), во јавноста, особено преку социјалните мрежи почнаа да се појавуваат непоотврдени информации од поединци за наводни групи или поединци кои се движат во одредени средини и сето тоа се поврзува наводна трговија на луѓе. Таквите шпекулации пак, на социјалните мрежи „се објаснуваа“ со неколкуте случаи кога исчезнатите лица беа пронајдени мртви.
На страницата на МВР е објавена листата на сите лица кои се пријавени за исчезнати.





