Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство преку писмено соопштение одговори на барањата на сточарите кои денеска организираа протест пред Владата.
„По барање и во консултација со сточарите, деновиве Владата донесе одлука за нова дополнителна субвенција за предадено јагне во износ од 400 денари, со цел да се намалат загубите на одгледувачите на овци поради ниската откупна цена“ пишува во соопштението во кое исто така се наведува дека за два дена се исплатени вкупно 195 милиони денари за дополнителната субвенција од 5 денари за килограм предадена оризова арпа и за субвенцијата за предадено млеко, пари коишто директно легнаа на сметките на вкупно 7.872 земјоделци.
„Според динамиката за исплата, се подготвуваат решенијата за исплата на субвенцијата за откупена пченица од домашно производство од родот 2018 година, за што во ребалансот се проектирани 40 милиони денари. Веднаш потоа, следува исплатата на субвенциите за предадени градинарски култури, предадени домати и јаболка, субвенција за површини со поледелски и градинарски култури, овошни и лозови насади, како и за грло добиток. Со ребалансот се проектирани и 40 милиони денари за субвенции за заклани свињи како превенција од појава на болеста африканска свинска чума.
Сумирано, со ребалансот на буџетот, се обезбедени нови 915 милиони денари за субвенции за дополнителни мерки кои ќе ги добијат земјоделците за различни видови производи. Со оваа сума финансиската поддршка за земјоделството годинава достигнува околу 7 милијарди денари, пари кои директно се враќаат кај земјоделците за да ги инвестираат во новото производство.
Досега од 1-ви јуни 2017 година за мерките од Програмата за земјоделство и рурален развој се исплатени над 19,3 милијарди денари или 314,5 милиони евра, по основ на тековни исплати и заостанати долгови од претходните 2013,2014 и 2015 година, кои минатата власт не ги сервисирала навремено“ велат од Министерството за земјоделство.




