Царината од утрово прави внатрешна контрола за тоа кој го пропуштил автобусот на „Беса транс“ кој бил без лиценца за меѓународен сообраќај на граничниот премин „Деве Баир“.

– Од рано утрово, Секторот за професионална одговорност на Царинска управа е на ГП Деве Баир со цел детално да се изврши контрола на постапувањето на превозникот и царинските службеници, согласно надлежностите пропишани со Законот за превоз во патниот сообраќај на денот на излез на предметниот автобус. Предмет на контрола е и постапувањето за конкретниот превозник и возило и во претходниот период на истиот граничен премин – велат од Царина.

Министерот за транспорт и врски, Благој Бочварски, кажа дека при излегување од државата, Царинската управа требало да прави редовна контрола при секое напуштање на државата со патници.

– По добиените информации од МВР за опожареното возило, констатиравме дека тоа не било пријавено и поради тоа го нема во базата на Министерството за транспорт и врски. Превозникот е должен веднаш, а најдоцна за 15 дена, да ги пријави сите промени настанати во поглед на исполнување на условите, тоа е пријавување или одјавување на возило или возач – кажа Бочварски.