Меѓу присутните на денешниот протест пред Владата против францускиот предлог за кревање на бугарското вето и отпочнување на пристапните преговори на Македонија за членство во Европската Унија (ЕУ) беше и поранешниот претседател, Ѓорѓе Иванов во друштво на неговиот син.

Иванов не беше меѓу говорниците, но својот став го сподели претходно на социјалните мрежи. За него, „францускиот предлог во форма каква што е“ е неприфатлив.

„Република Македонија со вакво „решение” ќе биде втурната во правна, политичка и историска бездна. Македонскиот народ повторно е сведок на национално предавство. Човечкото достоинство и стекнатите права се црвените линии кои не смее да се преминат. За нив не се разговара и не се преговара. Непокорот е единствениот излез. Одбраната на Македонија е обврска на секој од нас. Да живее Република Македонија“, напиша Иванов на Фејсбук.