Во Штип има нови случаи на заразени со коронавирусот. Според последните податоци на Министерството за здравство регистрирани се четири нови случаи, од кои две се текстилни работнички од конфекцијата која веќе трети ден е затворена. Таму се заразени 17 вработени, а погонот е затворен.
Во Штип во домашна самоизолација ставени се над 130 граѓани кои контактирале со заразените текстилни работнички, говорат податоците на Центарот за јавно здравје.
Градоначалникот на Штип Благој Бочварски на денешната прес-конференција истакна дека се уште е рано да се вклучи алармот за преземање поригорозни мерки на територија на Општина Штип.
Бочварски изјави дека оваа бројка во наредните денови ќе се зголемува со цел да се изолираат сите контакти на заразените текстилни работнички и да не се шири вирусот. Во изолација се голем дел од вработените во текстилната конфекција, која е затворена, а во изолација е и сопственикот на компанијата.
„Ние ова утро стапивме во контакт и со неколку сопственици на конфекции, за коишто веќе се прават анализи и списоците со вработени се дадени на епидемиолозите и на нашите институции со цел да ги комуницираат и повикаат и да видат до каде е комуникацијата и каде ќе застане таа комуникација. Точно е утврдено кои се тие компании и со кој превоз се движеле“, рече Бочварски.
Тој посочи дека постојано има комуникација со Министерството за здравство, со неколку сопственици на текстилни фабрики, со здружението за заштита на работничките права „Гласен текстилец“, Клиничка Болница-Штип и Центарот за јавно здравје, а локалните капацитети се насочени кон заштита на здравјето на граѓаните.

Во текот на овие денови ќе има тестирање на текстилните работнички и како што рече Бочварски, за очекување е и да има нови случаи на заразени со коронавирус, но смета дека здравствените работници ќе го затворат кругот.
„Општинскиот штаб за заштита и спасување со своите служби беше на терен и започна со дезинфекција на влезовите пред текстилните фабрики. Упативме апел до угостителите да побараат поддршка за дезинфекција на нивните надворешни тераси и влезови пред отворањето и секако за поддршка во дел на дезинфекција на автобусите. Нашите волонтери беа на терен пред конфекциите и делеа заштитни маски на текстилните работници. До денеска имаме поделено вкупно 23 000 заштитни маски на институции и граѓани“, рече Бочварски.
Волонтерите досега имаат извршено услуги за вкупно 258 стари и изнемоштени лица.
„Ја користиме оваа прилика повторно да упатиме јасна порака до сите граѓани, а посебно до оние кои шират дезинформации дека вирусот не постои и дека е измислица или лага, а всушност се работи за вирус кој се уште е присутен и ќе остане овде и понатаму. Борбата со овој вирус, за којшто се уште нема лек или вацина, треба да ја водиме сите заедно, со целосна вклученост на граѓаните, работниците, сопствениците и институциите“, нагласи Бочварски.
И министерот за здравство Венко Филипче денеска потенцира дека во Штип не се почитуваат правилата за транспорт во фабриките за конфекција, а во тој превоз се испомешани луѓе од повеќе фирми. Еден погон од конфекциска фабрика е затворен и таму досега има 17 заболени.




