31,51% е излезноста на ниво на држава до 15 часот, при обработени податоци од 86,79% од избирачките места.

Претседателот на ДИК, Александар Даштевски истакна дека проблемот со метежот тешко се надминува поради три причини.

-Избирачкиот список има многу повеќе страници поради рекордниот број на листи. Исто така, преку една четвртина од отпечатоците од прст од МВР се со лош квалитет и тешко се потврдуваат. Воедно се запазуваат и ковид протоколите. ДИК е едногласна дека ќе се продолжи гласањето за сите кои ќе се најдат пред избирачкото место. Мора да гласаат сите кои се нашле во кругот на избирачкото место, информира Даштевски.

Тој додаде дека до ДИК се пристигнати 134 приговори, од кои 63 се прифатени, а 10 одбиени.

Даштевски ги наброја и избирачките места каде ќе биде продолжено гласањето и после 19 часот, поради прекин поголем од еден час, а за причина се наведува технички проблем со апаратот за отпечаток од прст. Најдолг бил прекинот на избирачко место во Ново Село од два часа и 55 минути, па таму се продолжило со гласање по стариот начин.

-Сега се гласа на седум места со УВ-ламба и спреј, рече Даштевски.

Инаку најголема излезност има во општините Новаци – 59,16% и Демир Хисар со 54,86%, додека од друга страна најмалку гласачи излегле до избирачките места во Шуто Оризари со 19,99% и 19,1% во Центар Жупа.