Во пресрет на престојната зима за која предвидувањата се оти ќе биде најтешка во последните децении, надлежните институции уверуваат дека ќе има доволни количини на јаглен и на мазут за домашните енергетски капацитети да можат да ја произведат потребната електрична енергија. Навреме се очекува да почне и грејната сезона во Скопје, за каде треба да се избере и нов економски оператор по одземањето на лиценцата на БЕГ. Сметките за парно греење ќе бидат поскапи за 14,18 отсто од август.

Генералниот директор на ЕСМ, Васко Ковачевски најави дека веќе се набавуваат потребните енергенси и компанијата го зголемува сопствениот ископ на јаглен, со цел да го максимизира производството на електрична енергија. Приоритет ќе биде да се обезбеди електрична енергија за граѓаните, но и да се задоволат потребите на стопанството.

Првиот човек на ЕСМ е оптимист дека ќе има доволно јаглен за престојната зима. 

„Наша обврска е е секогаш да имаме резерви од околу 100.000 тони на јаглен“, изјави Ковачевски во интервју за телевизија „Телма“.

Според него, резервите на јаглен на депониите се зголемуваат во есенскиот период и во октомври, кога ќе почне грејната сезона, треба да има меѓу 200 и 250 илјади тони јаглен што ќе гарантираат сигурно производство во текот на грејната сезона.

Во тек е процесот на набавка и на мазут за рестартирање на ТЕЦ „Неготино“ која треба да работи во континуитет во наредниот период. Според Ковачевски, во наредниот период ќе се објави и нов оглас за набавка на околу 180 до 200 илјади тони мазут кои треба да бидат доволни за периодот од ноември до април.

Надлежните велат дека навреме ќе почне и испораката на топлинска енергија за скопјани кои од 1 август ќе плаќаат поскапо парно за 14,18 проценти, согласно вчерашната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Се предвидува когенеративната термоцентрала ТЕ-ТО да обезбеди 70 проценти од потребната топлинска енергија, а 30 проценти да се обезбедат од топланите.

Од РКЕ апелираат до сите потрошувачи, почнувајќи од институциите на централно и локално ниво, во грејната сезона да ги следат препораките на ЕУ за штедење и намалување на греењето.

Во август, според најавите, се очекува да биде прогласена кризна состојба во земјава во делот на енергетиката.